Showing posts with label Macedonian translation. Show all posts
Showing posts with label Macedonian translation. Show all posts

Wednesday, February 17, 2010

Story in Macedonian

Што е сигурно на светот?

Јас сум ентузијастички сопственик на VISA картичка. Секаде кајшто патував (во Мексико, Индија или на Балтикот), ја употребував со таква леснотија што, кога патував во Малезија, воопшто не зедов готовина со себе. Излишно е да се каже дека верував дека технологијата во нашиов глобализиран свет стасала до состојба на совршеност. Сепак, на првиот ден на конференцијата, оваа врвна технологија ме издаде. На универзитетскиот кампус во Серданг ATM машината не ги прифаќаше моите обиди да повлечам пари. Беше утро и редица вработени Малежани, со нивните несомнено исправни картички в рака, се наредија зад мене. Мојот малезиски колега од одборот на конференцијата ме посоветува да се откажам, бидејќи моето предавање требаше да започне за десетина минути.

И така започна конференцијата. Јас бев физички присутен но, секако дека не бев во состојба да бидам целосно присутен. Требаше да одржам предавање на меѓународен форум, пред угледни колеги кои сите можеа да си седат, задоволни што си ја платиле котизацијата за конференцијата. Само еден човек ја немаше платено. Јас! И тоа само поради мојата верба во технологијата, поради што не понесов со себе американски долари од мојата резерва. Слепо верував дека моите пари ќе се материјализираат од мало парче пластика!

По моето предавање, организаторите на конференцијата ми обезбедија автомобил, заедно со друг малезиски колега. Отидовме до сите машини на универзитетот, но повторно - ништо. Тој не изгуби надеж и се понуди да ја посетиме најблиската банка. Службеникот се насмеа, ја зеде мојата картичка и ме замоли за трпение. Чекањето се чинеше бесконечно. Но, всушност, набргу потоа главниот службеник на банката љубезно, но решително ми ја врати картичката. Тој ми рече дека не можат да ми помогнат. Бев навистина трауматизиран.
Се надевам дека никогаш нема да почувствувате како некој од столбовите на светската глобализација се руши. Бев принуден да го поставам еретичкото прашање: На што, во суштина, човек може да се потпре во овој свет? Што е сигурно на овој наш свет?

Мојот малезиски колега изгледаше сочувствително и ми понуди да се обидам уште еднаш во блискиот огранок на најголемата банка во Малезија. Ова изгледа ми беше последната шанса. Во банката влегов во состојба на тотална паника. Бев очаен. `Те молам, Господе. Дај ми ги парите. На крај, тие се мои!` Не можев да се соочам со чекањето во редици, па го замолив мојот малезиски колега да го повика менаџерот. Тој беше крупен, дебел, флегматичен и испотен, но љубезен. Ја слушна мојата приказна, ја зеде мојата visa картичка и внимателно ја разгледа од секој можен агол. Потоа запиша неколку броја на својот компјутер и информацијата беше испратена некаде. Тој не беше задоволен со резултатот. Јас почнав да се препотувам, што во Малезија за време на монсуните не е тешко дури ни под нормални околности.

Менаџерот продолжи да молчи. Уште еднаш, ја провери датата на мојата картичка и го побара мојот пасош. Потоа праша за името на банката која ми ја издала картичката – секако дека не беше чул за мојата мала храбра словачка банка. Конечно го грабна телефонот и ја повика главната канцеларија во Куала Лумпур.

За целото време мојот малезиски колега седеше до мене и се обидуваше да ме орасположи со оптимистички погледи и мимики на одобрување. Од време на време зборуваше тивко со малезискиот банкар – или сакаше да ми помогне, или се обидуваше да разоткрие меѓународен измамник – од каде јас да го знам тоа? Бев сам среде непозната земја и имав само една пластична врска со домот и моите пари. Телефонската врска со Куала Лумпур се прекинуваше секој момент. Огранокот во Серданг, во меѓувреме, беше како смирен рај. Сите изгледаа небаре дремат во пладневната жега. Уште половина час, и ќе можев да пливам во сопствената пот. Врската по втор пат се прекина, а потоа менаџерот по трет пат ги повтори информациите од мојата visa картичка. На крај, ентузијастички ги подигна веѓите. Мојата шанса се појави конечно, ама се потпираше врз едно важно прашање.

Се наведна кон мене и доверливо ме праша: “Како се вика вашата мајка?“
“Кој?“ Прашав, стравувајќи дека погрешно сум го чул.
“Моминското име на вашата мајка.“
“Но мајка ми немала банковни сметки пред да се омажи,“ реков.
“Но мора да сте го запишале кога сте аплицирале за картичката.“
Јас мразам формулари од било кој вид, но во овој момент бев пресреќен.

Тој ме натера да го напишам името само за да бидеме на сигурно. Беше бизарно да се чуе името на мојата мајка со малезиски акцент. Но, успеа. Ги земав парите, полесно дишев и со задоволство се ракував со мојот малезиски колега и претставникот на банката. Кога пешачев по неподносливо врелиот тротоар, конечно разбрав. Кој друг, ако не светските банкари, знаат дека човек не може да се потпре на ништо во овој свет.

Macedonian translation by Ana Pejcinova

Wednesday, January 13, 2010

Story in Macedonian

Чувство

Тоа е само чувство, најчесто незасновано врз некој поединечен факт. Секој од нас има неиспробани рецепти за идеален живот во идеален свет. Елдорадо, земја во која се успева, слободен континент – просто кажано, рај. Секој од нас има приватна визија за рајот (иако морам да нагласам дека во овој случај верувам и во масовната продукција и во вкусот на потрошувачите), но сите го имаме истото чувство. Спакувај неколку нешта и тргни, затоа што ништо не е полесно одошто напуштањето на агонијата на навиките од работните денови и впуштањето во непозната потрага по замислениот идеал. За разлика од оние кои секогаш ја имале можноста да отидат и да си ја испробаат среќата насекаде низ светот, ние сме на почетокот секогаш по малку нервозни. Ние сме нетрпеливи.

За „љубовта на прв поглед“, најдобриот лек е темелен втор поглед. Па, така, како туристи или бизнисмени кои патуваат, не се загледуваме во нештата на начин на којшто тоа сме го правеле првиот пат; фокусирајќи си го погледот, откриваме дека светот е патентиран повеќепати. И тие – оние со адреси во рајот – имаат човечки проблеми. И тие имаат за што да се жалат. А, што е најзапрепастувачки, тие исто така имаат и фантазии за рајот – како за некое друго место. Така, додека пиете во џез клуб во Лондон, или пак стоите пред насекаде присутниот Мекдоналдс, овој пат во Париз, одеднаш ви паѓа на памет идеа која е толку надвор од сè, што нејзиното гласно изрекување е бесмислено. Имено, дома си е дома. Тоа е тоа. Без објаснување. Јас сум тука само посетител, но таму, дома, можам да бидам и гостин, и домаќин. Просто речено, ние се затоплуваме при идејата за враќање дома. Првата задолжителна аутопсија на час по анатомија не е побавна во предизвикувањето на чувството дека сме виделе доволно – и сега е време за враќање дома!

Се враќаме дома и, полни нетрпение, ја раскажуваме нашата приказна. Да бидам искрен, преплавени од сопствените зборови, може да не го забележиме фактот дека тие (нашите слушатели) во суштина не слушаат што ние (патувачите) имаме да им соопштиме; им влегува во едното уво и излегува од другото. Тие имаат своја хроника проблеми кои, всушност, сега се повторно наши. Пред да можеме да престанеме со зборување, овие секојдневни проблеми станале повторно наши. Повторно се сопнуваме од бесмислените купишта градежен отпад околу нашите куќи; патуваме во пренатрупани трамваи; се расправаме...

Ако ни работи сеќавањето, можеби ќе започнеме со примери и споредби. Новите, свежо помешани и постојано растечки чувства ќе почнат да излегуваат на површина. Ако сме доволно решени или имаме доволно среќа за да ги имаме оние над нас на наша страна, уште еднаш ќе тргнеме на пат. И повторно ќе се вратиме. Водени од чувство како да сме на нишало кое е придвижено од исти сили со различна поларизираност.

Сепак, искрено сме среќни дека 10000 метри над земјата сме во авион кој нé носи кон нашиот нов отмен рај, или пак назад кон нашиот повторно откриен дом. Овој, конечно откриен рај, не е ништо друго освен чувството кое го имаме на 10000 метри височина. Следствено, интерконтиненталните авиони не ги пренесуваат само патниците и нивниот товар, туку и тоновите нерегистрирани и непријавени надежи и чувства. Од овој агол погледнато, не е чудо што понекогаш авионите паѓаат.

Macedonian translation by Ana Pejcinova

Wednesday, October 28, 2009

Story in Macedonian

Чевли од антилопска кожа – Грузиска приказна

На една книжевна конференција во Грузија јас доживеав една од највозбудливите авантури во мојот живот. Организаторите, нашите млади грузиски колеги, сакаа да ни ја покажат во најдобра светлина нивната гостољубивост. На третиот ден од конференцијата организираа спонтана екскурзија до некој одамна заборавен дел од земјата преку лоши патишта низ планините, до непозната дестинација. Во едно мало градче организаторите нé оставија за да направат план за понатаму.

Додека чекавме со извесна несигурност за тоа што ќе се случува, можев да преземам само една активност за да се опуштам: да фотографирам. Ги извадивме нашите автоматски туристички фотоапарати со уверување дека корисно си го трошиме времето. Набргу бевме привлечени од една дрвена колиба со натпис – ПОПРАВАЧ НА ЧЕВЛИ. Колибата не беше интересна колку малото девојче и малото кутре на нејзиниот праг. И двете беа исполнети со детска љубопитност кога нé видоа. Имавме фотографирано по неколку пати, кога, одненадеж, слушнавме на руски, со грузиски акцент:

“Каде е Словакот?“

Зошто овој непознат мештанин ме препозна како Словак е мистерија која јас нема да бидам во можност да си ја објаснам до крај на животот. Но, во надеж за разумно објаснение, му кажав дека тоа сум јас.

Тој беше еден од луѓето кои постојат и во други земји и чиишто животи минуваат во друштво на мали групи луѓе на улиците од градовите или селата. Тие разговараат, пијат чај со многу внимание, обрнуваат внимание на она што се случува. Врз основа на ова мое предзнаење, мојот разговор со непознатиот, избричен човек во партали, започна на најлошиот можен начин. Тој дојде до мене, погледна директно во моите очи, и запраша со гласен, предизвикувачки тон, “Зошто го фотографираше сакатиот?“

Знаев дека сум во неволја. Во колибата со знак ПОПРАВАЧ НА ЧЕВЛИ може да има сакат човек – тоа е нормално за овој занает. Не го видов, не знаев дека е таму. Но, беше бесцелно да се извинувам. Човекот беше цврсто убеден дека има целосно право да му одржи лекција на странецот и знаеше, како што впрочем знаев и јас, дека може да се потпре на солидарноста на неговите улични пријатели. Сакатите и децата се свети во секоја земја. Клетва го чека секој странец кој ќе направи таква грешка – каква што јас, не сакајќи, направив.

Како што се случува во вакви моменти, оние кои можеа да ми помогнат стоеја наоколу молчејќи, во исчекување на крајот на оваа неочекувана драма. Познаниците на непознатиот човек започнаа да прават круг околу мене и мрдаа со ушите во очекување на она што следи. Сфатив дека треба да зборувам за сé друго освен за сакати луѓе. Ако зборував за сакати, ќе им пружев шанса за дисертација на тема арогантноста и неосетливоста на странците.

Во очаен напор да смислам нешто, започнав внимателно. “Знаеш, драг пријателе.“ Силно размислувајќи ги погледнав моите чевли од антилопска кожа и добив ненадејна инспирација. “Ја фотографирав оваа чевларска работилница зашто дома веќе немаме вакви.“

“Зарем навистина?“ Ме погледна со изненадување, но и со сомнеж. Знаеше дека го залажувам со менување на темата.

“Апсолутно. Замисли: ние произведуваме ужасни чевли што не вреди да се поправаат. Се прават само од вештачки материјали, а ние само ги фрламе откако ќе се скинат.“

“Навистина?!“ човекот воодушевено викна. Овие улични создавачи на мислење секогаш се задоволни кога ќе дознаат од странците нешто што им дава чувство на супериорност. Во тој момент тие станаа гостопримливи и самозадоволни, убедени дека сум полош од нив. “Ти си во лоша состојба.“

“Да, во право сте“, со радост се согласив.

“Каде оди светот?“, продолжи тој. Но, за момент не сакаше да се откаже од можноста за кавга, па почна да ме критикува. “Кога фотографираш, зошто не фотографираш нешто што е навистина убаво?“

Тој направи широко движење, поксжувајќи го плоштадот, кој не се одликуваше со ништо посебно убаво. Сепак, благодарение на тој гест, видов дека кругот на љубопитните се беше растурил од досадата која ги обзела. Јас победив, но морав да и’ ласкам на неговата гордост со стратешки комплименти. “Го чувам филмот за вашите прекрасни планини“, го убедив.

“Ах, да, нашите убави планини,“ грмна тој. Погледна наоколу за миг, како да сакаше да се увери дека денес се убави како и секој ден, а потоа, со практичен тон, додаде: “Живеам во близина, дојди на вотка.“

Кога се вратив дома, и’ ја раскажав на жена ми оваа приказна која се одвиваше во распон од страв до среќен крај. Таа не беше заинтересирана за моето раскажување, ниту за моќта на моите чевли.

“До вечност ќе ги носиш тие ужасни стари чевли. Би можел да си купиш нови!“

“Нови чевли?“ Јас ги соблеков и реков налутено: „Ова се последните примероци на чесни, рачно изработени, неуништливи чевли.“

Ги ставив под носот на жена ми за да ја докажам мојата поента. Со сезнаечки поглед, таа ја протресе главата, и, пред да ме остави со мојата наивност, забележа, „Тогаш погледни ги одблизу твоите неуништливи чевли!“

Ги погледнав моите сакани чевли и за малку ќе доживеев срцев удар. Тие беа целосно расцепени на ѓоновите. Кога стоев пред грузиската работилница за поправање чевли и водев војна со зборови со непознатиот човек овие чевли сигурно биле во слична состојба. Но не се предадов.

Во работилницата за поправање чевли во соседството веднаш се откажаа од поправањето на моите чевли.

“Вакви поправки не сме правеле одамна. Го поправаме само она што може да се залепи или да се сошие. Пробај во центарот.“

Се обидов и кај неколку работилници во центарот. Во последната беа многу трпеливи со мене. Жената зад касата ги стави чевлите во задниот дел и се врати со еден поправач – ветеран. Тој ги погледна, експертски го извади она што беше останато од нив и го понуди своето сочуство:

“Потребни се нови ѓонови, но ние не можеме да ви помогнеме. Пред дваесет години моравме да ја запалиме нашата стара добра опрема за поправање чевли. Во времето на комунизмот произведувавме премногу чевли, така што поправањето не беше кономично. “
Се сетив на оваа утописка идеја, ама сега сме повторно во капитализам. Или не?
“Добри чевли,“ рече тој и ми ги подаде назад со сожалување. “Денес не се произведуваат чевли со ваков квалитет. А во оваа земја никој не може да ги поправи. Можеби само...“
“Знам“, реков одеднаш. „Знам каде може да ги поправат.“
Дојдов дома и ги ставив моите сакани чевли на полица. Еден ден ќе мора да се вратам во Грузија.

Translation: Jasminka Markovska

Wednesday, September 9, 2009

Travel story in Macedonian